0

Се одржа Марш за женски права под слоганот „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!“

Logo_Platforma-za-Rodova-Ednakvost-02-03 (1)На 8 март, по повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, во 17:00ч. на Плоштадот Скендербег во Скопје започна овогодинешниот Марш за женски права, под слоганот: „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!“. 

Маршот, организиран од Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права, мобилизираше стотици присутни кои протестираа против нееднаквостите и неправдите кон жените и девојките, подигајќи ја свеста од потребата за унапредување на здравствените, образовните, работничките, културните, политичките и економските права на жените.

Читајќи го прогласот кој зборува за црвените линии кои не смеат да се преминат кога зборуваме за женските права, активистките повикаа на акција, мотивирани од трендот на ерозија на правата на жените и нивното континуирано исклучување од креирањето и донесувањето на одлуките кои директно влијаат врз нивните животи.

„Оваа година, одбележувајќи го Меѓународниот ден на жената, испишуваме осум црвени линии, опишувајќи ги промените што ги бараме:

  1. Моето тело, мој избор – Бараме неограничен пристап до безбеден и легален медицински абортус во секоја општина. Жените имаат право да носат информирани одлуки за своите тела и нивното репродуктивно здравје и тоа треба да биде само нивна и единствена одлука.
  2. Еднаква плата за еднаква работа – Бараме праведен надомест кој реално ќе ја отсликува вредноста на трудот на жената, како на работното место, така и во домот и еднакви плати меѓу мажите и жените. Ниту една жена не смее да остане без работа поради бременост, а родителското отсуство мора да биде задолжително за двајцата родители.
  3. Очекуваме постапување со должно внимание на институциите задолжени за превенирање и заштита од родово базирано насилство. Бараме институциите конечно да покажат решителност и бескомпромисна борба и активност во справување и препознавање на фемицидот кој за жал е мошне присутен во нашето општество. Бараме правда за жртвите и нивните семејства.
  4. Бараме конечно да се транформира статусот на жените работнички во културата кои со години наназад се соочуваат со неизвесност во однос на нивниот работен статус.
  5. 50% застапеност на жените на позициите на моќ треба да стане реалност. Жените треба да бидат подеднакво застапени на лидерски позиции во сите сектори, од владата и корпорациите до одборите и организациите во заедницата.
  6. Бараме систематско решение за пристап до платено породилно отсуство и боледување за жените земјоделки.
  7. Бараме државата да преземе енергична акција за жените работнички и да им обезбеди грижа за нивните деца што ќе им овозможи целосно да учествуваат во работниот процес без да ја жртвуваат својата улога како родители.
  8. И на крајот бараме државата да вложува во борбата против митото и корупцијата кои несразмерно ги погодуваат жените и се главна причина за заминување на младите луѓе од земјата.“

Активистките потенцираа дека овие црвени линии не се само барања – тие се воедно патоказ за мерки кои што можат да доведат до напредок. Оттука, ги повикуваа носителите на одлуки, политичарите и политичките партии сериозно да ги земат предвид овие барања и да преземат конкретни чекори за нивна реализација, со цел да се подобри положбата на жените и родовата еднаквост во Северна Македонија.

За крај, тие порачаа – Промените нека почнат сега!

Share on FacebookShare on Google+Tweet about this on Twitter

Напишете коментар