0

Реакција: Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот период

Logo_Platforma-za-Rodova-Ednakvost-02-03 (1)Пред почетокот на предизборната кампања за претстојните парламентарни и претседателски избори, Платформата за родова еднаквост ги повикува и партиите и нивните приврзаници да покажат демократски капацитет и да се воздржат од навреди и ширење на говор на омраза.

И изминатите предизборни циклуси беа одбележани со исклучително силен говор на омраза, кој притоа особено беше фокусиран кон жените што беа вклучени во предизборниот процес. И овојпат кампањата сѐ уште официјлно не е почната, а веќе сме сведоци на сексистички и шовинистички напади врз жените. Повторно, социјалните мрежи се најголем расадник на непристојност, нецивилизираност, навреди, мизогинија па и отворен сексистички говор на омраза.

Го осудуваме говорот на омраза кој се засилува како што се ближат изборите и апелираме за одговорно и цивилизирано однесување.

Родово базираниот говор на омраза охрабрува насилство кон одредена личност или група врз основа на припадноста на одреден род. Интегритетот на жените во јавната сфера е на удар особено кога ќе се „дрзне“ активно да учествува во донесувањето на одлуки. Непостоење на систем на казнивост, како и релативизацијата на говорот на омраза претставува услов за ширење на нетолеранција и атмосфера на линч. „Критиката“ или осудата кон жените активни во јавниот живот, секогаш е на лична основа, во форма на говор на омраза што најчесто се заснова на коментари со сексуална конотација и родови стереотипи и предрасуди. Особено се на удар жените кои не се плашат да учествуваат во јавниот живот и да го искористат своето демократско право да учествуваат на избори како кандидати без разлика на нивната возраст, етничка или религиска припадност.

Ниедна жена не треба да биде мета на родово базиран говор на омраза. Сè додека јавноста ги гледа жените единствено низ сексистичка призма, ниту ќе видиме повеќе жени на одлучувачки позиции, ниту ќе се искорени објективизацијата на жените во сите полиња на нејзиното постоење.

Солидарно застануваме зад  жените што учествуваат во јавниот живот затоа што само декларативните заложби кои не соодветствуваат со реалноста нема вистински да ја унапредат родовата еднаквост. Само со практични чекори може да се постигнат суштински промени и подобрување на родовата еднаквост во економската, социјалната, политичката и во сите други сфери на општеството.

Идејата дека местото на жените е во домот е застарена, навредлива и дискриминаторска идеја која значи исклучување на жените и уназадување на целото општество. Наместо да се употребува сексистичкиот говор и да морализира за тоа како жените треба да изгледаат и да се однесуваат, треба да се направи повеќе место за жените во сите општествени сфери. Местото на жената е секаде каде што се донесуваат одлуки, затоа што жените сочинуваат половина од општеството и не смеат да останат исклучени од политиките и одлуките што и нив директно ги засегаат.

Платформата за родова еднаквост будно ќе ги следи нападите кон жените во јавниот живот. Дополнително, сите граѓани можат да пријават случаи на  говор на омраза на специјално-наменетата платформа за таа цел: www.govornaomraza.mk. Пријавите што содржат говор на омраза соодветно ќе бидат процесирани до надлежните институции.

Share on FacebookShare on Google+Tweet about this on Twitter

Напишете коментар