0

Реакција: Држава што не постапува е држава што не се грижи за здравјето на жените!

Logo_Platforma-za-Rodova-Ednakvost-02-03 (1)Платформата за родова еднаквост најостро реагира на прес-конференцијата на Лекарската комора и на информацијата дека стручниот надзор на Комората не утврдил никаква лекарска грешка во случајот со родилката Јелдз Веапоска од Дебар, чиешто сведоштво во јавноста укажува на негрижа и непостапување на државата и здравствените институции при груба повреда на човековите права и на флагрантно кршење на законите во државата.

Имено, во исказите на родилката и документацијата која ја обелодени пред јавноста, постојат индикации за отсуство на здравствена заштита на бремена жена, односно антенатална и пренатална заштита, но и за сторено тешко кривично дело против здравјето на луѓето. Родилката за време на целата своја бременост, но и непосредно пред породувањето била изложена на незаконска наплата за потребните прегледи и била прегледувана во нерегистрирана ординација. По уредна бременост, породувањето се изведува со царски рез во струшката болница. По породувањето кое е заведено како стандарден оперативен зафат без какви било пропусти, на пациентката значително ѝ се нарушува здравјето, поради што завршува на лекување на скопската Универзитетска клиника каде што се констатира дека се извадени три органи и за тоа се информира семејството.

Нетранспарентниот стручен надзор на Лекарската комора и недостапноста на самиот извештај, како и необелоденувањето на членовите на Комисијата за стручен надзор укажува на непостапување на државата и на негрижа за женското здравје. Шокира констатацијата на Комисијата дека не постои лекарски пропуст или грешка кај гинекологот Мухамед Асани, кој и натаму е директор на струшката болница и сопственик на нерегистрирана гинеколошка ординација поради што веќе се води постапка во обвинителството во Струга врз основа на кривична пријава поднесена од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Лекарската комора не утврдила ниту каква било неправилност иако ниту пациентката ниту нејзиниот сопруг во ниту еден момент не биле консултирани или информирани за можната потреба од вадење органи.

Случајот со Јалдз Веапоска не е изолиран случај туку системски проблем кој сепровлекува со години. Лошите болнички услови, немањето пристап до квалитетниуслуги и грижа за сексуално и репродуктивно здравје, вклучително и за време на породилниотпериод, нелегалната наплата на инаку бесплатни услуги, акушерското насилство инехуманиот однос особено кон маргинализираните се само дел од пакетотздравствена грижа што го добиваат жените во Македонија.

Колку за илустрација, во Македонски Брод, Пробиштип, Крушево, Радовиш, Демир Хисар, Кратово, Делчево, Штип, Крива Паланка и Ресен државата нема обезбедено доволно акушерски и гинеколошки услуги и грижа, а во 4 од нив воопшто нема гинеколог на примарното ниво на здравствена заштита, што драстично го уназадува репродуктивното здравје особено на жените во руралните средини, жените со попреченост и Ромките.

Имајќи го предвид конкретниот случај, Платформата за родова еднаквост бара под итно:

  • Лекарската комора јавно да ги објави имињата на лекарите што биле дел од Комисијата за стручен надзор и да ја извести јавноста со детални информации според кои Лекарската комора не утврдила лекарски пропусти, вклучително и за причините зошто се отстранети органите кај пациентката;
  • Утврдување на одговорност на Лекарската комора поради непрофесионално работење и штитење на здравствен работник кој работи нелегално;
  • Министерството за здравство да преземе одговорност во врска со случајот и да го испита случајот преку дополнителна внатрешна истрага која ќе биде непристрасна и политички неутрална со цел да ја информира јавноста за она што се случило;
  • Спроведување на детална истрага во врска со наведените искази за постапувањето во нерегистрираната ординација на докторот Мухамед Асани, негово разрешување од позицијата директор на болницата и забрана за извршување на лекарската дејност сѐ додека случајот не добие судска разрешница;
  • Јавното обвинителство да спроведе темелна истрага, да ги утврди пропустите и да побара одговорност за понудената здравствена заштита на пациентката во периодот пред породувањето, текот на породувањето и постпарталната грижа.
Share on FacebookShare on Google+Tweet about this on Twitter

Напишете коментар