0

Се одржа вториот марш за женските права

DSC_0232Околу 1000 жени, девојки, активистки и активисти се собраа денеска на вториот „Марш за правата на жените” кој се одржа по повод Меѓународниот ден на жената, а беше организиран од активистките за женски права и Платформата за родова еднаквост. Маршот кој започна во Жена Парк, испрати моќна порака и повик за унапредување на правата на жените во Македонија.

Целта на маршот беше да се подигне свеста на јавноста, но и на носителите на одлуки, за нееднаквата положба во која се наоѓаат жените во нашето општество во 2018 година.

„Во 2018 година во Република Македонија имаме највисока доенечка смртност во Европа. Причините за тоа не треба да се бараат кај жените, туку во системот за здравствена заштита и здравствените услуги кои им следуваат, но секоја година се повеќе и повеќе се скратуваат,    во тоа што повеќе од 175.000 жени немаат гинеколог во својата општина, и во тоа што на повеќе од 80% од жените Ромки им наплаќаат ехо прегледи кои треба да им бидат бесплатни.“ – изјави Снешка Илиќ од Реактор.

„Товарот на неплатените домашни обврски сè уште во голема мера паѓа на грбот на жените, и додека во другите европски земји овие разлики во учеството во домашната работа се намалуваат, кај нас огромните разлики остануваат константни.“– продолжи Илиќ.

Во прогласот кој го прочитаа активистките, го поставија прашањето „Дали, навистина, е среќен 8ми март?“, нагласувајќи:

„Славењето на успешните жени на лидерски позиции кои се исклучоци, без ниту едно прашање за социјалната историја на можностите за успех, идеолошките импликации на успехот, и конечно ревиктимизацијата и бришењето на секојдневните борби и светови на „неуспешните“ жени, само го потврдуваат правилото: само 33,8% од работоспособните жени се вработени. Иако се пообразовани најчесто се на подредени позиции. Мнозинство жени во земјава сè уште работат на најлошо платените места во текстилната, чевларската и кожарската индустрија, како касиерки во маркети, како чистачки без никакво осигурување, безбедност и заштита на женските работнички права.“ – се вели во прогласот.

Активистките го осудија и насилството врз жените, кое во нашето општество се толерира, поттикнува и прикрива, а ако излезе на виделина, неадекватно се осудува и казнува.

За крај, тие побараа родово сензитивни политики повикувајќи на солидарност кон сите жени, и потсетувајќи дека родовата еднаквост е важен фактор кон постигнување на демократско и еднакво општество.

Маршот започна во Жена Парк, а продолжи преку Плоштад Македонија, Камениот Мост, завршувајќи пред фонтаната на плоштадот Филип Втори.

Голема благодарност до сите кои се приклучија кон маршот и сите кои помогнаа во негова реализација.

Share on FacebookShare on Google+Tweet about this on Twitter

Напишете коментар