0

Реакција: За кого се сите овие измени на закони и постапувања, ако Премиерот тврди дека семејното насилство е „помал престап“?

imageМрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост остро реагираат на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека семејното насилство, поради кое негов телохранител е во 8-дневен притвор, претставува „мал престап“. Го потсетуваме премиерот, дека повеќе од 20 години, односно од 2004 година, актите на семејно насилство се третираат како кривични дела.

Само од јануари годинава, како последица на овој „мал престап“, животот го загубија четири жени и едно девојче. Според официјалната статистика на МВР, во 2025 година е забележан највисок број на пријавени случаи до сега, во просек биле регистрирани по 19 пријави секој ден. Ова е резултат на години минимизирање поради кое жртвите не пријавуваа, а институциите не постапуваа навремено и соодветно. Дури по 02.03.2026, кога насилството заврши со скок од зграда на жена со нејзиното малолетно дете, почна сериозно да се отвора прашањето дали и како системот функционира. Тогаш и самиот Премиер ги повика жртвите да пријавуваат и да не ги повлекуваат пријавите.

Постапувањето во овој предмет откри сериозни недоследности кај институциите, што доведоа до судски постапки против службени лица кои не постапувале навремено, зајакната работа на полицијата и петкратно зголемување на регистрираните случаи во април и мај во однос на февруари, како и одржување на надзорна расправа во Собранието. Денес, истиот тој Премиер го сведува овој контекст на „мал престап“, со што го поништува сопствениот повик и сериозноста на проблемот што конечно почна да се препознава.

Ваквите изјави не се без последици. Тие директно влијаат врз тоа како насилството се перцепира во јавноста и оставаат простор да се релативизира, со што се охрабруваат сторителите, а жртвите повторно се изложуваат на осуда, сомнеж и притисок. Во пракса, излегувањето од насилна средина ретко е еднократен чин – жртвите прават повеќе обиди, исцрпени и без реална поддршка, носејќи ги последиците долго по насилството. Во таков контекст, сведувањето на семејното насилство на „помал престап“ не е само погрешно, туку и опасно, затоа што ја брише неговата тежина и ја занемарува штетата што ја остава врз животот и безбедноста на жените.

Премиерот не може да зборува за опстанок и иднина, а истовремено да го минимизира насилството што директно ги загрозува животите на жените. Закони може да се носат и мерки може да се најавуваат, но тие немаат тежина ако оние што треба да ги спроведуваат не ја препознаваат сериозноста на проблемот. Додека насилството се третира како нешто со намалена важност, заштитата ќе остане формална, а жртвите ќе продолжат да ја плаќаат цената.

Бараме Премиерот сериозно, гласно и недвосмислено да го осуди секој чин на родово засновано насилство. Очекуваме Премиерот да внимава при секоја своја изјава во јавноста, и без разлика дали свесно или несвесно, да не го сведува на мал престап тоа што жртвите го преживуваат. Изјави од ваков вид не му доликуваат на Премиер на една држава кој треба да претставува пример за однесување и грижа кон сите граѓани, особено оние најранливите, а не дополнително да ги виктимизира и да им наштетува на жртвите.

 

Share on FacebookShare on Google+Tweet about this on Twitter

Напишете коментар