Нациионална мрежа против хомофобија и трансфобија во солидарност/соработка со Платформата за родова еднаквост
Со овој јавен проглас насочен кон сите групации и партии коишто ќе настапат на претстојните локални избори ги изјаснуваме нашите потреби, како заедници коишто се често најзасегнати од локалните политики во нашите секојдневни животи, а коишто притоа се истовремено занемарени, неприоритизирани или дури исклучени од визиите за тоа во какви заедници ќе живееме. Во таа насока бараме:
- Недвосмислено, отворено и експлицитно адресирање на поддршка на ЛГБТИК+ заедницата преку конкретни политики коишто ќе го адресираат нашето безбедно функционирање, можност за здружување, делење на заеднички простори и конечно достоинствено учество и живеење во нашите градови, населби и помали заедници. Во оваа насока, ги охрабруваме сите политички чинители да ги најдат точките на интерсекционалност/вкрстување и поврзување меѓу нивните платформи и прашањата за зелени политики, социјална правда и заштита на човековите права. За да избегнеме празно толкување на овие широки концепти, бараме конкретно толкување на тоа како партиите или независните кандидати ќе ѝ овозможат на локално ниво на нашата заедницата достоинствено да живее, а не само да преживува.
- Со сѐ поголемото стеснување на физичките простори каде што ЛГБТИК+ заедницата може да биде автентична и своја, и средина во која насилството врз ЛГБТИК+ луѓето се прелева во училиштата, домовите, па и во јавниот простор, повеќе од кога било имаме силна потреба од наше безбедно место во коешто ќе се здружуваме, ќе ги зајакнуваме меѓусебните системи на поддршка и ќе ја развиваме независната култура. Ги охрабруваме локалните самоуправи, особено оние во поголемите градови, да ги отстапат јавните простори за центри со мултифункционална употреба коишто би служеле како простор за солидарност и политичко дејствување не само за ЛГБТИК+ заедницата, туку и за други прогресивни групи во нашето општество, бендови, уметници, граѓански движења и неформални групи. Истовремено, сакаме да понудиме поддршка на сите младински центри во помалите градови и општини коишто сакаат да развијат механизми за поддршка на ЛГБТИК+ млади во пошироката работа на своите центри. Безбедните простори не се само прибежишта, тие се центри за отпор за изградба на заедници и за колективно политичко дејствување. Бараме од локалните власти да обезбедат јавни простори за мултифункционална употреба управувани заеднички со заедниците, каде што може да се развива културата, солидарноста и автономијата, ослободени од цензура и политички притисоци.
- Јавен простор којшто е во интерес на граѓаните, особено оние коишто се чувствуваат небезбедно на други места. Нашата безбедност како заедници честопати била повредувана на јавните простори, како телесен напад врз нашето постоење, но и како порака и визуелизација којашто осамнува насекаде низ нашите градови. Јавните простори се места каде што нашите заедници, но исто така и жените и девојките, неретко се соочуваат со вознемирување, насилство или други форми на напади коишто нѐ тераат да изнаоѓаме стратегии за како да се движиме во градот. Нашето движење во јавниот простор е вкоренето во страв и самоодбрана, со што сме исклучуваат од „правото на градот“ како граѓани и препуштени на изолација. Преку платформата „Реагирај! Биди безбедна“ на Реактор – истражување во акција, којашто ги мапира точките на небезбедност низ државата, можеме да забележиме како конкретни локации се обележани како небезбедни јавни простори за жени, девојки и други малцинства. Притоа, ние неповикуваме да се засили полициското присуство или разни форми на патролирања на други групи како родители или соседи, бидејќи често пати овие форми на надзор дополнително го загрозуваат нашето постоење. Напротив, бараме коренито преиспитување на тоа како да би се обезбедил јавен простор којшто ќе биде ослободен од канџите на урбаната мафија, а наместо тоа ќе ко-креираме и оставиме слободно, автентично и органско формирање на мали заедници, соседства, па дури и субкултурни зони коишто слободно ќе гравитираат во јавниот простор наместо да бидат избришани од него.
- Насилството врз жените, девојките и ЛГБТИК+ заедницата не е приватен проблем, туку директна последица на структурни нееднаквости, институционална незаинтересираност и систематска дискриминација. Бараме локалните самоуправи јавно да се обврзат дека ќе го третираат родово-базираното насилство како политички приоритет и дека ќе развијат сопствени, одржливи механизми за превенција, поддршка и санкционирање. Ова значи воспоставување на локални протоколи за координација, финансирање на специјализирани сервиси, како и активно вклучување на организациите коишто поседуваат експертиза за работа со жртви. Без вакви политички обврски, сите декларации остануваат празни зборови.
- Суштинска поддршка на независната културна сцена преку оддржување на веќе постоечките форми на творење, но и создавање нови подолгорочни механизми за поддршка на независната уметност. Целосно реформирање на процесот на којшто се работи кон имплементирање на активностите на Европската претстолнина на култура – Скопје 2028, како и видлива транспарентност и предавање на спроведувањето на активности од оваа веќе загрозена титула кон граѓанските организации и неформалните групи коишто се занимаваат со култура.
- Локалните самоуправи коишто имаат влијание врз работата на средните училишта потребно е да изградат итни механизми на заштита, проток на информации, можности за безбедно изразување, соочување на ставови и содржини коишто ќе ги донесат учениците кон состојби на прифаќање на своите ЛГБТИК+ врсниц(ч)ки, и каде што родово-базираното насилство ќе биде адресирано низ низа превентивни активности, наместо само како последична тема за којашто инцидентно се зборува во училиштата. Бараме целосна отвореност на училиштата за соработка со граѓанските организации и прифаќање на фактот дека експертизата за овие сензитивни теми е токму во организациите коишто долгогодишно работат во полето. За тоа ќе треба да им се оддолеe на повиците на разни екстремистички, анти-родови групации коишто под наводната загриженост за децата ќе ги постават сите пречки за ваквото циркулирање на теми во училиштата. Обврската да ги заштите најранливите во училиштата е поголема од овој наводен страв од лажни непријатели.
- Бараме од локалните самоуправи да ги почитуваат постоечките јасни механизми за родово-одговорно буџетирање и транспарентно да покажат како средствата се распределуваат за жените, девојките и маргинализираните групи. Локалните политики не можат да се наречат демократски додека буџетите систематски ги прават нашите потреби невидливи. Инвестирањето во безбедни јавни простори, родово сензитивни социјални сервиси, поддршка за жртви на насилство и културни центри мора да биде приоритет, а не маргинална ставка. Родово-одговорното буџетирање е алатка за политичка правда, не само за финансиска транспарентност.
- Феминистички пристап кон локалните социјални сервиси: социјалните сервиси во повеќето општини се недоволни, нефункционални и често ги исклучуваат оние што најмногу им требаат. Бараме сушинска промена во нивниот дизајн и финансирање, заснована на феминистички принципи:
- приоритизирање на потребите на жените, девојките и маргинализираните заедници,
- интегрирани модели на поддршка што ги поврзуваат здравствените, психосоцијалните и правните сервиси,
- активно вклучување на граѓанските организации како рамноправни партнери, а не како аутсорсинг ресурс.
- Бараме да живееме во градови, населби и села во коишто ќе можеме да дишеме чист воздух, реки коишто не се преплавни во смет, функционални јавни чешми и тоалети, сакаме да не дишеме отровни одорни материи коишто се опасни по нашето здравје. Конечно, сакаме да се ослободиме од различните мегаломански корупциски гентрификациони проекти во коишто урбаната мафија го менува ликот на нашиот град. Наместо тоа бараме оживување на маалскиот живот, хуманизирање на јавниот простор, можност да ги уживаме нашите потреби во она што ни е на сите заедничко, а тоа да не е по опасноста на нашето здравје, па дури и животи.
Ги повикуваме сите политички партии, како и независни групации коишто активно размислуваат за тоа како да ги адресираат овие прашања, јавно да се изјаснат и во своите кампањи да посочат дали стојат зад овие барања и на кој начин планираат да ги интегрираат и реализираат. Истовремено, ние како граѓански организации и активисти стоиме на располагање за сите потребни појаснувања, поддршка и заедничко развивање на политики и стратегии кои ќе ги инкорпорираат овие барања и ќе овозможат нивно ефективно спроведување.