Фондацијата Фридрих Еберт (ФЕС) во соработка со Платформата за родова еднаквост и Мрежата за родови прашања за Централна и Источна Европа (CEE gender network) на 24ти Април во Хотел Континентал организираше јавна дебата за предизвиците и перспективите на родовата еднаквост во Македонија.
На дебатата присуствуваа претставнички од Фондацијата Фридрих Еберт, Платформата за родова еднаквост, Мрежата за родови прашања за Централна и Јужна Европа, граѓански здрженија како и претставнички на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија и претставнички на Социјал демократските партии од Србија, Хратска и Црна Гора.
Целта на настанот беше да се оценат предизвиците за постигнување на родовата еднаквост во Македонија и регионот, особено во однос на вклученоста на жените во политичките партии како и политиките на локално, национално и регионално ниво. Учесничките ги нагласија предизвиците со кои се соочуваат во политичките партии, и посочија кон фактори кои го ограничуваат влијанието и значителната вклученост на жените во самите политички партии.
Формалната улога на жените во политичките партии, недостаток на механизми за родова еднаквост во самите партии, ниската свест на мажите за дискриминација на жените во партиите и уназадување на правата на жените беа нагласени како дел од предизвиците кои го попречуваат постигнување на родова еднаквост. Понатаму, оградување од феминизмот од страна на жените во политичките партии беше посочен како фактор кој дополнително придонесува кон нееднаквоста на жените.
Во текот на дебатата учесничките дадоа препораки за можни решенија, кои ќе придонесат кон подобрување на родовата еднаквост. Соработка помеѓу граѓанскиот сектор и партиите беше една од клучните препораки наведена од страна на учесничките, со цел да се демократизираат внатрешните процеси на партиите и активно да се работи кон подобрување на влијанието на жените во нив. Воспоставување на механизми за родова еднаквост во самите партии и транспарентност во работењето на партиите е препорака направена од учесничките од Македонија како и од учесничките од регионот. Учесничките на дебатата исто така го наведоа градењето на капацитетите на жените преку прилагодени тренинзи вклучувајки го и јавното говорење и односи со јавноста како фактор кој би ја зајакнала самодовербата на жените и би придонел за поголемо влијание на жените во партиите и во политиката.