Граѓанските организации испраќаат повик за мораториум на свечености, конференции и симболични кампањи. Седум фемициди. Седум изгубени животи. Седум жени и девојки кои повеќе никогаш нема да се вратат дома. Последната жртва е 17-годишно девојче од Богданци. Дете чиј живот заврши на најсуров начин – запалена во автомобил. Дете кое требаше да има иднина. Ситуацијата е алармантна. Жените се убивани, институциите потфрлаат, а одговорност нема.
Жртвите претходно пријавувале насилство и барале помош. Се обратиле токму кај институциите кои имале обврска да ги заштитат. И покрај тоа, денес не се меѓу живите. Колку уште жени треба да бидат убиени за државата да почне да постапува? Колку уште животи треба да изгубиме за институциите да престанат да ја заменуваат одговорноста со соопштенија, конференции и празни ветувања?
Затоа, во пресрет на „16 дена активизам против родово базирано насилство“, упатуваме јасен и недвосмислен повик: БАРАМЕ МОРАТОРИУМ НА СИТЕ ПРОТОКОЛАРНИ, СВЕЧЕНИ И ПРОМОТИВНИ НАСТАНИ ВО РАМКИТЕ НА КАМПАЊАТА „16 ДЕНА АКТИВИЗАМ“! Ги повикуваме Владата, Собранието, сите надлежни институции, агенциите на Обединетите нации, Европската комисија, ОБСЕ, амбасадите, меѓународните организации, донаторите, граѓанските организации и целата јавност да ни се приклучат во овој мораториум. Доста е од осветлување згради во портокалово додека жените ни умираат. Доста е од фотографирање во хотели и свечени сали, од говори за нулта толеранција и од симболични кампањи кои не го менуваат секојдневието на жените што живеат во страв.
Не може секој ноември да зборуваме за истите проблеми, да ги повторуваме истите ветувања, да се фотографираме со истите пораки, а потоа да продолжиме како ништо да не се случило. Портокаловата боја не спасува животи. Институциите треба да спасуваат животи. Жените во Македонија не треба дополнително да се освестуваат дека постои насилство. Тие го живеат. Го пријавуваат. Бегаат од него. Се обидуваат да ги заштитат своите деца. И премногу често остануваат сами пред систем кој доцни, молчи или не постапува.
Не ни треба уште една фотографија на функционери со портокалови ленти. Ни требаат полицајци кои ќе реагираат навреме, социјални работници кои имаат капацитет да заштитат, обвинители и судии кои постапуваат итно, достапни услуги и институции кои ќе спречат насилникот повторно да нападне.
Не ни треба држава која тагува по убиените жени. Ни треба држава која ќе ги заштити додека се живи. Наместо да трошиме средства на свечени настани, да ги насочиме кон заштита на жените. Наместо да слушаме говори за институционална посветеност, да побараме отчет од одговорните. Наместо уште една симболична фотографија, да испратиме една заедничка, гласна порака:
НЕМА ПОВЕЌЕ МОЛЧЕЊЕ. НЕМА ПОВЕЌЕ ИЗГОВОРИ. НЕМА ПОВЕЌЕ ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА ИНСТИТУЦИОНАЛНО НЕПОСТАПУВАЊЕ.
БАРАМЕ ИТНИ ОДЛУКИ, НЕ НОВИ ВЕТУВАЊА!
Од Владата, Собранието и сите надлежни институции бараме:
- Итна, независна и темелна истрага за институционалното постапување во сите случаи на фемицид, особено таму каде што претходно било пријавено насилство. Да се утврдат пропустите и индивидуалната и институционалната одговорност. Секое непостапување мора да има последици.
- Итно усвојување на законски измени за заштита од насилство, вклучително и измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, регулирајќи итни мерки за заштита и користење на посебни електронски уреди (алки). Недозволиво е законски решенија од кои зависат човечки животи да чекаат поради политички и идеолошки пресметки.
- Итно враќање на поимите род и родова еднаквост во законите за образование, упатствата за заштита од насилство и програмите за сексуално образование. Бришењето на родовата еднаквост од образованието не го брише насилството. Само ја ослабува превенцијата и ја прави следната генерација поранлива.
- Усвојување на заклучоците од надзорната расправа за родово-базираното насилство, со конкретни рокови за постапување на институциите.
- Итно обезбедување буџет и стручни кадри за полицијата, центрите за социјална работа, обвинителствата, судовите и здравствените установи. Ниту еден систем не може да заштити живот без луѓе, ресурси, знаење и јасна одговорност.
- Стабилно јавно финансирање на специјализираните услуги за жртвите на насилство во целата држава, вклучително и засолништа, кризна интервенција, психосоцијална и правна помош, услуги за деца и програми за работа со сторителите. Ниту една жена не смее да биде оставена сама затоа што живее во општина без соодветна услуга.
- Јавен и обврзувачки план со институционални задолженија, конкретни рокови, обезбеден буџет и мерливи резултати. Владата и Собранието мора редовно да известуваат што е направено, кој е одговорен и кои резултати се постигнати.
ПОВИК И ДО МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА: НЕ БИДЕТЕ ДЕЛ ОД ПРОТОКОЛОТ. БИДЕТЕ ДЕЛ ОД РЕШЕНИЕТО.
Ги повикуваме Обединетите нации, Европската Унија, ОБСЕ, амбасадите и меѓународните донатори да покажат дека нивната посветеност на родовата еднаквост и човековите права не завршува со финансирање кампањи и присуство на конференции. Искористете го вашиот политички авторитет за да побарате одговорност од институциите. Насочете ги средствата таму каде што навистина можат да спасат животи.
Ова не е повик да престанеме да зборуваме за насилството. Ова е повик да престанеме само да зборуваме. Предлагаме овогодишните „16 дена активизам“ да станат 16 дена на институционална одговорност, во кои ќе се донесуваат одлуки, ќе се усвојуваат закони, ќе се обезбедуваат буџети и ќе се преземаат конкретни обврски. Зашто заштитата на жените не смее да биде годишна кампања. Таа мора да биде секојдневна обврска на државата.
Седум жртви не се статистика. Седум жртви се седум прекинати животи, седум семејни трагедии и седум причини од многуте да не дозволиме сè да продолжи по старо. Не прифаќаме повеќе комеморации како замена за заштита. Не прифаќаме повеќе молчење како замена за одговорност. Не прифаќаме повеќе декларации како замена за дела.
НАМЕСТО ПОРТОКАЛОВИ ЗГРАДИ – ФУНКЦИОНАЛНИ ИНСТИТУЦИИ! НАМЕСТО 16 ДЕНА СИМБОЛИКА – СЕКОЈДНЕВНА ВИСТИНСКА ЗАШТИТА ОД НАСИЛСТВО!
ДОСТА Е. НЕ ЧЕКАМЕ ОСМА ЖРТВА.
ОД:
- Мрежа за заштита од дискриминација;
- Платформа за родова еднаквост; и
- Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

