Платформата за родова еднаквост остро реагира на предлог-измените на Законот за полиција, кои се веќе доставени до Собранието на Република Северна Македонија, а со кои се предлага бришење на членот 96 од важечкиот закон член што јасно ја утврдува обврската за почитување на принципот на еднаквост при вработувањето во полицијата.
Член 96 од постојниот Закон за полиција:
(1) При вработувањето во Полицијата треба да бидат соодветно и правично застапени граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, со почитување на критериумите на стручност и компетентност.
(2) При вработувањето во Полицијата да се почитува принципот на еднаквост на половите.
Со ваквата измена се укинува единствениот член кој експлицитно упатува на еднаквост и инклузивност во полициската структура, што не само што е спротивно на националното законодавство и на обврските преземени со Истанбулската Конвенција и други меѓународни конвенции, туку испраќа и опасна порака дека родовата еднаквост и инклузивноста се ирелевантни во изградбата на безбедносните институции.
Овој предлог доаѓа во контекст на сериозна јавна загриженост поради бројни случаи на несоодветно постапување и неефикасна заштита од страна на полицијата, особено во случаи на родово базирано и семејно насилство. Наместо унапредување на стандардите и одговорноста, се предлага институционално назадување.
Укинувањето на вакви клучни одредби значи легитимирање на нееднаквоста и дискриминацијата, но и сериозно го загрозува кредибилитетот на полицијата како сервис за сите граѓани. Жените кои и онака се недоволно застапени во безбедносниот систем, ќе станат уште поневидливи во институција што има клучна улога во заштитата од насилство и гарантирањето на јавната безбедност.
Бараме итно повлекување на измената со која се укинува членот 96 и јасна заложба од институциите дека правото на еднаквост и родова застапеност останува неповредливо загарантирано и задолжително во секој дел од системот, особено во полицијата.