По повод Меѓународниот ден на менструалната хигиена 28-ми мај, Мрежата за родово одговорно буџетирање, поддржана од Платформата за родова еднаквост и Period Movement Скопје, денеска, понеделник 30.05.2022 пред зградата на Министерството за финансии побараа конкретни мерки од страна на надлежното министерство за намалување на т.н. менструална сиромаштија, меѓу кои:
- намалување на данокот на додадена вредност од 18 % на 5 % на производите за менструација со цел намалување на продажната цена на овие производи;
- поттикнување на употребата на менструални чашки преку субвенционирање на цената;
- одвојување средства од буџетот за пристојни и соодветни услови за одржување менструална хигиена во тоалетите на училиштата и јавните тоалети;
- бесплатни и достапни производи за менструација во основните и средните училишта и во јавните тоалети на територија на Република Северна Македонија, на товар на Буџетот на државата.
Во заеднички усвоениот проглас кој беше прочитан од страна на Љупка Трајановска, претставничка на Мрежата за родово одговорно буџетирање стои и дека менструалната хигиена не е привилегија, а менструалните производи не се луксузни добра. Инаку, менструалната сиромаштија во земјава е повеќе од загрижувачка, особено во време на стивнување на пандемијата и галопирачката инфлација. Имено, податоците од две истражувања, првото спроведени од Реактор и Тииит! Инк. и второто спроведено од Новинари за човекови права, покажуваат дека:
- 77 % од анкетираните жени и девојки трошат до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена;
- Секоја трета испитаничка барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, весници, тоалетна хартија и сл;
- 29,5 % од жените кај нас не можат да си дозволат никаков пристап до менструални производи;
- Во јавните тоалети во нашата земја нема услови за безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена;
- Во 2021 година за 70 % е зголемен бројот на вагинални инфекции поради недостапност до соодветни производи за управување со менструалното здравје;
Трајановска во име на Платформата и нејзините членки порача и дека државата која се декларира како земја кандидат за членство во Европската Унија мора да ја преземе својата обврска да го олесни одржувањето на менструалната хигиена за 50 % од населението, а државниот буџет да биде родово-одговорен со цел да ги задоволи подеднакво потребите и на жените и девојчињата, како и на мажите и момчињата.
Целосниот проглас е достапен на следниот линк.