0

Абортусот е неопходна здравствена услуга за жените и за време на пандемиска криза

ПостерДенес е 28 септември – Светскиот ден за безбеден абортус. На овој ден, организации од целиот свет се здружуваат со едно заедничко барање – Веднаш да се обезбеди безбеден и легален абортус

Здравствената криза предизвикана од пандемијата со ковид-19 за милиони жени го зголеми ризикот од сексуално насилство и недостапна контрацепција и им го ограничи пристапот до безбеден абортус. Мерките на карантин придонесоа клиниките да се затворат или да работат со ограничени капацитети. Жените од земјите со рестриктивни закони за абортус не можеа да патуваат во соседните земји со либерални закони за да направат абортус бидејќи границите беа затворени додека, пак, пристапот во болнички услови беше ограничен со што за милиони жени прекинот на бременоста стана трка со пречки или невозможна мисија.

Во итните напори да се справат со пандемијата, владите заборавија на абортусот како есенцијална здравствена услуга. Во голем број на земји пандемијата беше изговор за докторите да не го нудат абортусот, опишувајќи го како „неесенцијален“, „неитен“ или „рутински“.

Дополнително во Полска, Литванија, Малта и Словачка, пандемијата ги охрабри политичарите да предлагаат перверзни и порестриктивни закони за абортус кои ќе ги обесхрабрат жените да бараат прекин на бременост.

За време на глобалната пандемија со ковид-19 се покажа дека медикаментозниот абортус може да има важна улога во обезбедувањето навремен пристап до безбеден абортус за сите оние жени кои не сакаат да ја продолжат бременоста.

Постојат научни и медицински докази дека со точно дадени информации за медикаментозен абортус, квалитетни таблети за абортус и ефективно лекарско следење и грижа, медикаментозниот абортус може безбедно да се изведе и во домашни услови во првите 12 недели од бременоста.

Ваквата алтернатива за прекин на бременоста во време на актуелната пандемија ќе овозможи не само подобар пристап до безбеден абортус, туку и запазување на превентивните мерки, односно одржување физичка дистанца и намален контакт со здравствените установи, со што се намалува и ризикот од инфекција со ковид-19.

Иако со демократскиот закон за прекинување на бременоста, кој од минатата година ги штити здравјето и правата на жените, медикаментозниот абортус беше озаконет како алтернативна метода на хируршкиот абортус и во земјава, сè уште не се донесени клиничките упатства за негова примена ниту, пак, таблетите за медикаментозен абортус се достапни во аптеките и здравствените установи.

Науката сè уште нема одговор како понатаму ќе се шири пандемијата со ковид-19 и какви ќе бидат последиците. Без разлика на текот на пандемијата во иднина, владите во светот мора да им го олеснат пристапот до безбеден абортус на сите оние девојки и жени на кои им е потребен и мора да го признаат абортусот како есенцијална здравствена услуга доколку сакаат да ги унапредат репродуктивното здравје и репродуктивната слобода на жените.

Затоа, со ова писмо го повикуваме Министерството за здравство на Република Северна Македонија:

-        да ги усвои медицинските протоколи за примена на медикаментозниот абортус;

-        да осигури достапност на лековите за медикаментозен абортус подеднакво за болниците и гинеколошките ординации во примарната здравствена заштита;

-        да овозможи континуиран и непречен пристап до услугите за безбеден абортус за време на пандемиската криза без разлика на видот на мерките за ограничување на движењето или на пристапот до здравствените установи кои би се донесувале во иднина со цел спречување на ширењето на ковид-19.

 

Со почит,

Платформа за родова еднаквост

Share on FacebookShare on Google+Tweet about this on Twitter

Напишете коментар