0

Реакција на Платформата за родова еднаквост против говорот полн со омраза и вознемирувањето врз основа на род кое го шири Миленко Неделковски

Logo_Platforma-za-Rodova-Ednakvost-02-03 (1)Платформата за родова еднаквост остро го осудува говорот полн со омраза и вознемирувањето врз основа на род кое лицето Миленко Неделковски ги шири преку неговата страница на Фејсбук, а кои се насочени кон жените во јавниот дискурс.

Неделковски на својата страница упатува навреди кон политичарките и ги исмејува со особено деградирачки коментари, полни со мизогинија, сексизам и говор полн со омраза. Неговите коментари насочени кон изгледот и личноста на политичарките се згрозувачки, особено оние упатени кон пратеничката Даниела Рангелова, а истите водат кон поттикнување на омраза и нарушување на угледот на г-а Рангелова.

Ваквиот говор исполнет со омраза и вознемирувачки коментари, претставува вознемирување, кое според член 10, став 1, од Закон за спречување и заштита од дискриминација, е дефинирано како „..несакано постапување кон лице или група лица врз дискриминаторски основи што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.“

Апелираме одговорните институции соодветно да реагираат на сите сексистички напади и на вознемирувањето насочено кон жените. Воедно, ги повикуваме граѓаните и медиумите да ги препознаваат онлајн нападите и сексистичката злоупотреба на социјалните медиуми што влијаат на достоинството на жената и да не ги споделуваат и шират во јавноста. Потсетуваме дека сексизамот е централна бариера за учество на жените во јавниот живот под еднакви услови како мажите. Сексистичките коментари се пример за двојни стандарди кои негативно влијаат на достоинството, самодовербата, а со тоа и на еднаквите шанси за учество и развој.

За Миленко Неделковски дискриминаторскиот говор и говорот на омраза не се непознати. Се работи за јавна личност која континуирано сеела омраза и страв кон различни категории на маргинализирани групи, додека надлежните институции упорно не преземаат дејства за да го санкционираат и да го повикаат на одговорност.

За крај, потсетуваме дека во моментот Република Северна Македонија нема Комисија за заштита од дискриминација. Постоењето на ова тело е суштинско во насока на осигурување дека Законот за спречување и заштита од дискриминација доследно се спроведува. Затоа, апелираме да се формира Комисија за заштита од дискриминација што побрзо, како клучен елемент за имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација и доследно спроведување на санкции како одговор на ваквите појави.

Share on FacebookShare on Google+Tweet about this on Twitter
Get document

Напишете коментар