На кој му се дава простор во медиумската, јавната и институционална сфера да шири опасни ставови и да го поддржува насилството врз жените?!
Платформата за родова еднаквост најостро ги осудува јавните изјави на Петар Богојески, изнесени во телевизиска дебата на ТВ Алфа, со кои се релативизира и оправдува родово-базираното насилство, а воедно се повикува на контрола врз жените и се промовира идејата дека мажот треба да има надзор врз својата партнерка.
Особено загрижувачки е што ова доаѓа од универзитетски професор и претседател на Македонски концепт, партија што е дел од владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Богојески е во наставно-научно звање доцент во областа на економијата и бизнисот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, институција што образува идни офицери на македонската Армија, а на национална телевизија отворено зборува за тоа како „насилното однесување врз жените е реакција за заштита на машкото достоинство“.
Ова се опасни пораки кои може дополнително да придонесат кон нормализирање на насилството и онака застапено со голем број случаи на фемициди, физичко, психичко и економско семејно и родово-базирано насилство. Уште позагрижувачки е кога ги изнесуваат лица со академски и политички позиции, кои имаат јавна видливост и влијание врз формирањето на општествените ставови. Јавната функција, академската титула и политичката позиција не се ослободување од одговорност.
Дополнително одговорност има и телевизијата АЛФА односно уредништвото кое во повеќе наврати му дава простор на човек со опасни ставови против родовата еднаквост и заштитата и безбедноста на жените. Како национална телевизија новинарите и уредниците имаат одговорност пред јавноста да реагираат кога во нивните емисии некој ќе произнесе став што може да биде штетен и со огромни последици особено кон жртвите на родово-базирано насилство.
Во услови кога во земјава институционалната заштита потфрла во случаите на семејно и родово-базирано насилство, ваквите пораки дополнително ги зајакнуваат стереотипите, ја вртат вината кон жртвите, наместо кон насилниците и придонесуваат кон зајакнување на мизогините ставови во кои контролата, заплашувањето и насилството можат да бидат претставени како прифатлив дел од партнерските односи. За потсетување, податоците од ЕУРОСТАТ за 2023 година, Северна Македонија се наоѓа на третото место во Европа по стапката на фемициди (убиства на жени извршени од интимни партнери или членови на семејството). Според податоците на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во текот на 2025 година се евидентирани 6 убиства на жени и 4 обиди за убиство, додека само во првите девет месеци од 2026 година се евидентирани 7 убиени жени и 2 обиди. Дополнително, во очекување на правосилноста на пресудата во случајот со серискиот убиец од Куманово, треба да се има предвид дека станува збор за уште четири убиства на жени, кои би можеле дополнително да ја зголемат оваа алармантна статистика.
Идејата дека мажот има право, па дури и обврска, да ја контролира жената е длабоко патријархална и мизогина. Жените не се сопственост на своите партнери. Тие не им должат послушност, дозвола за одлучување или отчет за сопствениот живот. Бракот не подразбира губење на личната автономија, ниту дава право на доминација врз другиот.
Дополнително, обвинувањето на феминизмот за наводното „неадекватно“ однесување на жените е дел од поширокиот обид борбата за еднаквост да се претстави како закана за општеството и семејството. Феминизмот не е причина за насилство, туку движење кое со децении се бори против насилството, дискриминацијата и нееднаквите односи на моќ. Правото на жените да живеат слободно, самостојно и без насилство не е закана за никого.
Нема да дозволиме нашата долгогодишна борба против насилството и сите донесени закони за заштита на жените од родово-базирано насилство да „паднат во вода“ поради женомразачките мислења и ставови на еден човек.
Нема да дозволиме сите жртви низ годините да бидат повторно обвинувани дека тие „сами си го барале“ и да поминуваат пак низ голгота и осудување од општеството.
Нема да дозволиме да се заборават фемицидите и жените кои умреа од рацете на нивните партнери и сопрузи.
Слободата на говорот не значи ослободување од јавна одговорност, особено кога станува збор за пораки што ги доведуваат во прашање човековите права, достоинството, безбедноста и крајно, правото на живот и постоење на жените.
Платфoрмата за родова еднаквост ги повикува:
- Телевизијата АЛФА да покаже уредничка одговорност и да не дозволува релативизирањето на насилството и негирањето на правото на жените на автономија да поминуваат како обични ставови во јавна дебата.
- ЗНМ, ССНМ и Советот на етика во медиумите да проверат дали новинарите во ТВ АЛФА ја извршиле професионално работата согласно новинарските стандарди за етика и реагирале соодветно на ставовите на Богојески.
- Академската заедница и Воената академија да се произнесат за ваквите јавни ставови на лице со академски ангажман.
- Власта и институциите јасно да се оградат и да ги осудат ставовите на Богојески, кои ја оправдуваат контролата врз жените и го релативизираат насилството како и да се преиспита учеството на неговата партија во владејачката коалиција.
- Медиумите да препознаат дека известувањето и дебатирањето за родово базираното насилство бараат одговорност, стручност и јасно разграничување меѓу личното мислење и оправдувањето на насилството.




