0

Реакција: Уште едно убиство на жена (фемицид) што можеше да биде спречено

Logo_Platforma-za-Rodova-Ednakvost-02-03 (1)Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство и Платформата за родова еднаквост изразуваат огромно жалење поради уште еден изгубен женски живот како последица на
несоодветно и ненавремено постапување на надлежните институции.

Вчера бевме сведоци на уште едно убиство на жена (фемицид – убиство на жена во родово базирано насилство) и убиство на нејзиниот татко (убиство во семејно насилство) во Велес, кое е последица на затајувањето на институциите надлежни за справување со насилството врз жените.

Од информациите кои беа проследени од медиумите после овој трагичен настан, се дознава дека имало историја на континуирано интимно партнерско насилство (форма на родово базирано насилство), дека жртвата повеќепати го пријавувала насилникот во полиција поради закани по нејзиниот и животот на нејзиниот татко,  дека постоело загрозување на нејзината сигурност, преку сериозни закани упатени од сторителот, па дури во еден наврат бил запален и нејзиниот автомобил. Од она што го пренесоа медиумите, има сознанија дека убиената жена кога го пријавувала насилството барала заштита од полициските службеници потенцирајќи ги заканите и нејзиниот страв дека може да биде убиена, но за жал институциите и покрај јасните правила за проценка на ризик, во овој случај очигледно пропуштиле да го проценат соодветно ризикот по безбедноста и животот на жртвата  и нејзините блиски, поради што целиот случај заврши со убиство на жена (фемицид – убиство на жена во родово базирано насилство) и убиство на таткото на жртвата (убиство во семејно насилство)!

Овој случај е уште една потврда дека:

  • МВР и Центрите за социјална работа немаат развиени и ефикасни алатки за процена на ризик;
  • Пријавите на жените жртви не се третираат со сериозност и итност;
  • Системот повторно ја препуштил жената сама на насилникот, поради што имаме уште еден случај кој заврши со фатални последици.

БАРАМЕ:

  1. Итна, темелна и објективна истрага за тоа кој сè бил должен да постапи по пријавите на жртвата, почитувајќи го принципот на  должно внимание, и со тоа да го превенира двојното убиство;
  2. Одговорност и санкции за сите надлежни лица кои не постапиле согласно закон;
  3. Итно започнување со јакнење на капцитетите за процена на ризик во МВР и ЦСР, кои ќе овозможат рано препознавање, соодветна процена на ризик и спречување на вакви случаи.
  4. Алоцирање на доволно финансиски средства за обезбедување на сеопфатна заштита на жените жртви на насилство, односно воспоставување и обезбедување одржливост на специјализираните услуги за помош и поддршка на жените и децата жртви на родово базирано и семејно насилство.

Фемицидите не се „изолирани случаи“ – тие се директна последица на игнорантскиот однос на државата кон насилството врз жените. Секоја непреземена мерка, секое игнорирање на пријава, секое одложено постапување чини живот. Животот на оваа жена можеше и мораше да биде спасен. Системот мора да понесе одговорност.

Share on FacebookShare on Google+Tweet about this on Twitter

Напишете коментар