0

„Дали е среќен 8-ми Март?“ – трет марш по повод Меѓународниот ден на жената

dig„Денес маршираме за да покажеме дека трпението ни е на црвено! Денес маршираме за да покажеме дека веќе нема да толерираме празна реторика! Не прифаќаме декларативно залагање за родова еднаквост, ниту закони и стратегии за кои не се издвојуваат финансиски средства и кои не водат кон остварување на реални промени во животите на жените.“ Вака започна Прогласот од третиотмарш за права на жените и борбата за родова еднаквост, кој се одржа под слоганот „Дали е среќен 8-ми Март?“.

Во присуство на стотици учеснички, Маршот за правата на жените започна од паркот Жена Борец каде активистките јавно апелираа за промени кои водат кон вистинско унапредување на статусот на жената во нашето општество.

„Континуираната социјална, економска и политичка нееднаквост на жените во Македонија е причината поради која денес сме собрани да го изразиме нашиот револт, загриженост и разочарување. Жените и понатаму се неактивни на пазарот на труд, иако се повеќе образовани од мажите. Насилството врз девојките и жените е жална реалност во нашето општество. Стереотипите, омразата и мизогинијата е присутна не само во приватната сфера, туку и во јавниот дискурс.“ – изјави Снешка Илиќ од Реактор – Истражување во акција.

Салија Бекир Халим од Иницијативата на жени од Шуто Оризари се осврна на повеќекратната дискриминација врз Ромките, поради тоа што се жени, поради нивниот социоекономски статус и поради нивната етничката припадност. Таа упати повик до државата веднаш да преземе конкретни мерки за да се стави крај на малолетничките бракови, на незаконската наплата од страна на матичните гинеколози и да го донесе Законот за заштита од дискриминација.

Вангелина Пармачка од Национална федерација на фармери истакна дека жените се невидливи потпори во руралните средини, но се соочуваат со голем број на предизвици и проблеми. Пармачка го нагласи барањето за отстранување на дискриминаторската мерка во Програмата за рурален развој 2018 -2021, со која се бара жената да е во брак, да има родено едно дете, да е невработено лице, домаќинка и да живее во населено место од 200 жители на надморска височина од 700 метри.

„Време е институциите на оваа држава да почнат да работат и за граѓанките!“, со оваа порака заврши прогласот за женски права кој го прочита Јована Јовановска Кануркова од Хелсиншкиот комитет за човекови права, а потоа маршот продолжи преку Плоштад Македонија, Камениот Мост, а заврши на плоштадот Филип Втори.

Маршот за женски права е организиран од активистките за женски права и Платформата за родова еднаквост. Прогласот за женски права може да го прочитате тука.

Share on FacebookShare on Google+Tweet about this on Twitter

Напишете коментар