0

„Ти не си виновна!“ – четврт Марш за женски права по повод Меѓународниот ден на жената

2По повод Меѓународниот ден на жената, се одржа четвртиот по ред Марш за женски права. Овој марш, традиционално организиран од Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права, беше посветен на жртвите на родово базирано насилство, под мотото „Ти не си виновна!“.

Во присуство на стотици учеснички и учесници кои се собраа на Плоштадот Филип II, активистките го прочитаа овогодинешниот проглас, кој беше поттикнат од случајот „Јавна Соба“: „Ние не сме безбедни! Ни на улиците, ни дома, па дури ни онлајн. Неодамна цела јавност беше шокирана од Телеграм групата – Јавна соба во која 13.000 членови споделувале, гледале и се исмевале со материјали, фотографии и видеа со сексуална содржина за конкретни жени и девојки без нивна согласност.[…] Станува збор за исклучително радикална форма на родово засновано насилство чиј последици се далекусежни и сериозни..“ – се вели во прогласот.

Активистките, побараа воведување на сеопфатно, сексуално образование во Северна Македонија како и адекватна, навремена и ефикасна превенција, заштита и поддршка на жртвите на родово базирано насилство, од сите институции кои се дел од системот за заштита и строго санкционирање на секое постапување.

„Поразително е што образовниот систем не нè запознава со историјата на женската борба, која меѓудругото ги има доведено девојчињата во училиштата, во јавниот и политичкиот живот. Активистките за женски права го означуваат овој важен ден излегувајќи на улиците на своите градови, со цел да ја прослават феминистичката борба, секој глас, секој чекор, секој отпор и пркос, но и да стават акцент на фактот дека патот кон родовата еднаквост е долг и сè уште не е изоден.“ – изјави Калиа Димитрова од феминистичката платформа Медуза. „Потсетуваме дека сегашната влада и секоја следна влада, без разлика на идеолошката определба има должност и обврска проактивно да се бори за родовата еднаквост.“ – додаде таа.

Маршот за женски права започна од плоштадот Филип Втори, преку Камениот Мост, Плоштад Македонија до Паркот Жена Борец, каде што активистките имаа завршен преформанс, изведувајќи адаптација на песната „Силувачот си ти!“ која прерасна во светска химна за неправдите и родово базираното насилство врз жените.

„Патријархатот ми е судија, и ме суди што сум се родила, како казна ми доделува, насилства што не гледаш. Не сум јас виновна таму што сум отишла, ни како сум се облекла. Силувачот си ти.“ – скандираа во еден глас активистките.

Прогласот за женски права може да го прочитате на следниот линк.

Share on FacebookShare on Google+Tweet about this on Twitter

Напишете коментар