Logo_Platforma-za-Rodova-Ednakvost-02-03 (1)
0

Соопштение до јавноста и медиумите од членовите на Интер ресорската советодавна и консултативна група за еднакви можности на жените и мажите

Logo_Platforma-za-Rodova-Ednakvost-02-03 (1)Изразуваме сериозна загриженост за начинот на кој надлежните институции, медиумите и јавноста реагираа на случувањата поврзани со насилството врз жена кое се случи на 24.07.2019 во Скопје, на крстосницата на бул. Гоце Делчев и улица Беласица.

Видеото од настанот кое преку социјалните мрежи и медиумите беше масовно споделувано предизвика јавен линч и изложување на дополнително насилство на жената. Коментарите на широката јавност и новинарските текстови  се пример како оштеството го третира и реагира на физичкото и вербалното насилство врз жените, а ставовите на дел од граѓаните и медиумите со кои се стигматизира жената и се одобрува насилството, за жал сведочат колку е нормализирано насилството врз жените во нашето општество и колку се перцепира како прифатливо однесување.

Ги осудуваме сите форми на насилство врз жените и девојчињата и ги повикуваме надлежните институции, медиумите и јавноста да се залагаат секој вид на насилство врз жената да биде неприфатливо и осудено и да се третира како сериозен општествен проблем.

Несоодветното постапување на полициските служби и на Министерството за внатрешни работи во случајот и третирањето на јасно и недвосмислено (документирано) насилство врз жена како „нарушување на јавен ред и мир“е сериозен проблем кој години наназад се јавува како пракса и има далкусежни негативни последици за жените жртви на насилство. Од една страна, непреземање на кривична постапка во случаи каде постојат јасни индикации за насилство води кон амнестирање на насилникот и овозможување на повторување на слични и посериозни кривични дела. Од друга страна пак, се оневозможува продолжување на истрагата за причините на насилство, се оневозможува процесот на заштита на жртвата, проценката на ризик од повторување на насилството и преземање на сите потребни мерки за поддршка и заштита на жртвата од надлежните институции.

Апелираме Министерството за внатрешни работи да постапува според законските прописи и ваквите случаи на насилство да ги третира како кривични дела, а не како нарушување на јавниот ред и мир. Исто така, апелираме Одделот за внатрешна контрола при МВР да го испита случајот и да утврди колку постапувањето на полициските службеници е согласно законските прописи за постапување во случаи на документирано насилство.

Ги повикуваме медиумите, Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите и Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги, преку своите реакции да ги осудат ваквите настани и стереотипното прикажување и претставување на жената во медиумите, како и да придонесат кон превенција од насилство врз жените.

Ги повикуваме граѓаните и медиумите да не го споделуваат и понатаму видеото со што дополнително ја стигматизираат жртвата и го продолжуваат насилството врз неа.

Потсетуваме дека Република Северна Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените, вклучувајќи го и домашното насилство (Истанбулска Конвенција) со што државата презема законска обврска и покажа силна политичка волја за елиминирање на сите форми на насилство врз жените.

Интер ресорската советодавна и консултативна група за еднакви можности на жените и мажите

Соопштението е достапно на следниот линк.

Share on FacebookShare on Google+Tweet about this on Twitter

Напишете коментар